Напаѓачот ја призна вината и се извини на Шеќеринска: Сакав да ја тргнам од гужвата

1777
0
АКЦИЈА

65-Годишниот Панче Ангелов на кој денеска му се судеше за насилство врз тогаш пратеничката Радмила Шеќеринска од 27 април во Собранието, се изјасни дека е виновен.

Пред судијката рече дека се кае и побара поблага казна. И се извини на Шеќеринска и целокупната македонска јавност со оправдување дека во таа еуфорија преемотивно настапил. Но, сепак остана на тврдењето дека целта не му било да ја повреди пратеничката, туку како што рече, сакал само да ја тргне од гужвата.

„Па не беше удрена. Само беше фатена за коса и тргната. Затоа што викаа таму луѓе женско е, женско е, едно е, женско е, пуштете ја, и јас само ја земав и ја тргнав. И моето насилство, ако е насилство, толку беше“, вели Ангелов.

Неговиот адвокат кој го застапува по службена должност, побара од судот да ги има предвид неговата возраст и тоа дека не бил осудуван претходно.

„Мене ми е јасно дека казната веројатно ќе биде затворска, но мислам дека во конкретниот случај постојат посебно олеснувачки околности на страната на овој обвинет кои што би можеле да доведат дури до изрекување на условна осуда“, соопшти адвокатот Драган Пешевски.

Обвинителката во судницата рече дека признанието на вина е во корелација со доказите. Сепак, додаде дека и покрај тоа бил Ангелов бил насилен, без повод и причина, на подмолен начин и без да внимава на немоќноста на жртвата. Затоа побара од судот при определување на казната да има предвид и дека кривичното дело е сторено во Собранието на Р. Македонија, а насилството е сторено врз пратеници.

Министерката за одбрана, а тогаш пратеничка, Радмила Шеќеринска, го повтори ставот дека целта на насилниците во Собранието било некој да убијат или повредат, но очекува одговорност и од, како што вели, нарачателите. За Ангелов рече дека очекува праведна пресуда.

„Луѓето кои што ги организирале обвинетите, луѓето кои им ги отворија вратите на обвинетите, луѓето кои го мотивираа насилството, денеска ги нема нигде. Денеска се кријат и оставаат извршителите да ја носат на свој товар и нивната вина. Се разбира дека беше страшен крајниот коментар дека практично сакале да ни помогнат, јас не му посакувам никому во Р. Македонија па и надвор некој да се труди да му помогне на овој начин“, изјави Шеќеринска.

За насилствата во законодавниот дом кога беа повредени десетина пратеници од опозицијата, но и стотина граѓани, досега само на деветмина од напаѓачите им се судеше. Тие го признаа делото и добија условни казни.

Михајло Видимлиски

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР