По пресвртот во случајот „Монструм“, истражниот судија тврди: Валидноста на доказите доведена во прашање

1464
0
АКЦИЈА

Правната валидност и подобност на доказите во случајот Монструм е доведена во прашање со барањето на Јавното обвинителство да ги укине пресудите, а предметот да се врати во почетна фаза, тврди Владимир Туфегчиќ, истражниот судија за петкратното убиство кај Смилковското езеро. Смета дека ова прашање е посериозно со самото тоа што го отвора токму обвинителството кое врз основа на тие докази го покренало обвинението.

„Се доведуваат во конотација со наводно нелегално прислушувани телефонски разговори, и во таа смисла сметам дека е крајно време да и Специјалното јавно обвинителство и државното јавно обвинителство заземат единствен став и конечно да отворат истрага односно да ја испитаат во тој дел состојбата по однос на прислушкуваните телефонски разговори. Бидејќи сметам дека ако тоа не се направи шпекулациите во јавноста и разните дилеми кои во јавноста се појавија во врска со овој трагичен настан ќе останат и понатаму“, вели Туфегџиќ.

Истрагата за овој случај во 2012 се водеше по стариот Закон за кривична постапка, а доказите ги прибираше полицијата. Туфегџиќ вели им ги предочил на обвинетите и нивните адвокати.

„Од причина што се работеше за чувствителен предмет, сите дејствија, најбитните дејствија по моја наредба се аудио и видео снимени. Што значи од таму може да се извлече заклучок и доколку се направи увид во тие снимки ќе се види дали некој на некого вршел притисок, дали се изведени сите докази кои денеска се ставени под знак прашалник“; додава Туфегџиќ.

Прислушуваните разговори фрлаат сенка на доказите и целиот настан, рече завчера обвинителката Лилјана Спасоска пред Врховните судии, чекор кој дел од експертите го протолкуваа како сомнеж дека целиот случај е монтиран.

„Врховен суд мислам дека треба да го прифати предлогот на обвинителството и да ги поништи двете одлуки од прв и втор степен и предметот да биде повторно вратен во Кривичен суд – Скопје. Оваа одлука која е донесена од обвинителство е храбар чекор, но и правно издржан“, смета универзитетскиот професор Осман Кадриу.

Од специјалното обвинителство последната информација беше дека Спасоска како застапник на обвинението за Монструм не им се обратила со официјален допис.

„Кај нас се води предистражна постапка во рамки на која правиме проверки меѓутоа досега официјално немаме ништо обзнането во таа насока“, рече Ленче Ристоска.

Доколку одлуката на Врховниот суд е спротивна од барањето на обвинителството, Спасоска најави дека на располагање и стои уште еден механизам преку кој може да се преиспитаат доживотните казни затвор и законитоста на постапката, а тоа е да поднесе Барање за заштита на законитоста.

Михајло Видимлиски

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР