Дали со 200 евра се живее достоинствено?

3202
0
АКЦИЈА

За неполн месец минималната плата во земјава ќе биде зголемена од 10.080 на 12 илјади денари. На овој износ чекаат близу 80 илјади граѓани кои досега го земаа законски утврдениот приход. Но, колку платата од 200 евра може да ги задоволи основните потреби за достоинствен живот.

„Минимална плата би требало да биде од 15 до 20 илјади, што да се прави со 12 илјади.

За некој ќе реши проблем, за некој не. 200 евра тоа е добра сума

Мислам дека е добар потег реално, но се уште нема да ги задоволи потребите на граѓаните благодарение на големите трошоци. Доволно би било да е околу 400 евра минималната плата“, велат граѓаните.

И за оваа новина, Владата подготвува измени на законот за минимална плата кој ќе се носи во скратена постапка. Предвидена е финансиска помош на фирмите која ќе се обезбеди од државната каса. Но, за да се добие дел од колачот фирмата треба да биде  активен обврзник, да не е во постапка на стечај или ликвидација.

„Компанијата треба да ги има подмирено обврските за вработените по основ на плата, придонесите од задолжително социјално осигурување и даноци, заклучно со последниот ден од месецот кој претходи на месецот за кој се обезбедува финансиската помош“, се вели во предлогот за минимална плата.

За еден вработен, владата планира да субвенционира од 500 до 2000 денари во зависност од платата што претходно им се исплатувала. По една година, се планира, државната помош да се преполови.

Голем дел од експертите се сомневаат дека македонското стопанство нема капацитет да исплаќа минималец од 200 евра, и стравуваат од намалување на бројот на вработени во компаниите од приватниот сектор.

Во време кога синдикатите најжестоко се борат за фотељата на претседателот, а многу помалку за работничките права, и условите во кои се работи, од ССМ велат дека не стравуваат од можни откази во приватниот сектор.

„Не очекуваме дека ќе има отпуштање на вработените бидејки и во интерес е и на тие компании да ги задржат работниците на своите работни места и со тоа производството да оди напред и да бидат извозно ориентирани“ ,вели Методија Димески од ССМ.

Зголемувањето на минималната плата беше едно од најголемите ветувања во предизборието на сега владеачката СДСМ. Требаше да се случи до април годинава, но беше пролонгирано за септември.

„Веднаш после промената во април 2017 година минималната плата ќе ја зголемиме на 12 илјади денари, оваа плата ќе важи и за вработените во текстилната и кожарската индустрија“, соопшти министерот Драган Тевдовски.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, партија која практикуваше сунбенционирање во различни економски гранки, сега велат дека воведувањето на минималната плата е нивна заслуга, а раст субвенциониран од државата е чист популизам.

Инаку  според европската статистика,во моментов Косово има најниска минимална плата од земјите од Западен Балкан од 130 евра, Македонија го дели претпоследното место со Албанија со минималец од 150 евра, во Србија најниската плата изнесува 174 евра, во Црна Гора  193, а во Босна и Херцеговина 191 евро.

Иле Петревски

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР