Метју Нимиц – Човекот кој посвети 23 години на еден збор

1352
0
АКЦИЈА

Поминаа 26 години од распадот на Југославија, со кој настана и Република Македонија. Во текот на целото ова време, новонастанатата држава немаше официјално, меѓународно прифатено име, бидејќи Грција се спротиставува на името „Македонија”. Безмалку сите овие години, еден човек работеше да го реши проблемот, пишува Алекс Маршал од Би-би-си, кој објави разговор со посредникот на Обединетите Нации во спорот за името меѓу Грција и Македонија, Метју Нимиц.

Долгогодишниот посредник Нимиц сака однапред да стане јасно дека тоа што е посредник не значи дека ги поминал изминатите 23 години мислејќи само за еден збор – Македонија.

– Можеби размислував за овој збор подолго од било кој друг, вклучително и во таа земја. Но, ова не е нешто што го правам со полно работно време, вели 78-годишниот американски дипломат.

Нимиц е ангажиран во преговорите за најчудниот меѓународен спор во светот од 1994 година. Основата е во тоа што Грција се спротиставува на името на Македонија и одбива да и дозволи прием во НАТО или во Европската Унија додека името не биде сменето. Грција вели дека името Македонија сугерира територијални претензии врз грчката северна провинција Македонија, и дека се работи за дезок обид да се присвои грчкото национално наследство. Според Грција, Македонија би требала да користи име како “Скопје”, според главниот град на Македонија.

Од друга страна, Македонија одговара дека нејзиниот народ има историја која оди назад до древното кралство Македонија на Александар Македонски и дека е нормално државата да се нарекува Македонија.

Како последица на спорот, патниците кои влегуваат во северна Грција од Република Македонија, или обратно, на двете страни од границата ги пречекуваат знаци кои им посакуваат добредојде во Македонија.

На почетокот на неговиот мандат, Нимиц беше специјален пратеник на претседтелот Бил Клинтон, а од крајот на 1999 година е пратеник на Генералниот секретар на Обединетите Нации. Неговата задача е да ги поттикнува двете земји постепено да се движат кон постигнување решение на спорот. За овој труд, Нимиц добива симболичен надомест од 1 долар годишно.

Македонија влезе во Обединетите Нации така што се согласи официјално да и се обраќаат како Поранешната Југословенска Република Македонија (ПЈРМ), но ова не беше замислено како трајно решение на проблемот, и создаде редица нови потешкотии.

– Многу е тешко да се употреби тој израз во реченица, вели Нимиц. Поранешниот Генерален Секретар на ОН Бан Ки-мун еднаш се збуни и кажа „Поранешната Југословенска Република Југославија”.

– Мораш да го решиш овој спор, ми велеше Бан, ќе полудам од него, се сеќава Нимиц.

И покрај исклучително бавниот тек на преговорите, Нимиц никогаш сериозно не помислил да ја напушти позицијата.

– Некои луѓе мислат дека мојата работа е да седам тука и постојано да смислувам придавки – Нова Македонија, Горна Македонија.. Но, ова прашање има историска важност, важно е од контекст на градење на државата. Притоа, воопшто не е здодевно и ликовите кои учествуваат постојано се менуваат. Претставете си режисер кој го поставува Кралот Лир или Хамлет, но со различни сценографии и актери. Не може да ви здосади, вели Нимиц.

Во 90-тите години од минатиот век, кога Нимиц се нафати на задачата, се стравуваше дека спорот може да излезе надвор од контрола. Грција се спротиставуваше на името на Македонија од 1991 година, кога Македонците прогласија независност од Југославија. Следната година милион Грци, една десетина од нивното население, излегоа на улиците на Солун да протестираат. Протестите ја урнаа Владата, а новата Влада предводена од Андреас Папандреу ги затвори грчките пристаништа за македонските компании и ја прогласи Македонија за реална и актуелна закана за Грција.

Нимиц има зачудувачки високо ниво на разбирање за грчките стравови дека Македонците може еден ден да почнат да полагаат право на грчка територија.

– Морам да им објаснувам на соговорниците дека грчките стравови од можниот иредентизам не се целосно небулозни. Во изминатите три генерации нивната земја ссе соочувала со ваков вид на закани. Секоја држава на Балканот го има тоа чувство дека е опколена, секоја држава била изложена на распарчување или во даден момент се борела со своите соседи, додава Нимиц.

Во еден случај, тој прашал група сенатори како би се чувствувале кога Мексико би го сменило своето име во Репубика Мексико и Тексас и би почнало да печати историски мапи кои навестуваат дека Мексико има право врз југоисточните американски држави.

Од друга страна, Нимиц покажува еднакво разбирање и за Македонците.

– Грците им велат дека дошле во овој регион во 9 или 10 век, дека не припаѓаат во овој регион или дека, во најмала рака, треба да се викаат Нова Македонија. За луѓето од Поранешната Југословенска Република Македонија ова претставува проблем. Тие не се сметаат себеси за новодојденци. Тие сметаат дека се свои на своето како и сите други, вели Нимиц.

И покрај сите потешкотии, Нимиц првично сметал дека ќе може да се изнајде брзо решение на спорот. Така сметале и водечките македонски политичари.

– Кога разговарав со нив ми велеа дека времето е на нивна страна. Сметаа дека ќе поминат неколку години, состојбите ќе се смират, ќе дојде до смени во владите… Но, очигледно не испадна така, вели Нимиц.

Долга листа на имиња се предложени за решавање на спорот, од Нова Македонија преку Славо-Македонија до Репубика Скопје. Во еден момент на маса беа Горна Република Македонија и Република Горна Македонија. Но, ниту едно решение не беше прифатено. Можеби изгледа дека сите можни придавки биле испробани и одбиени и дека веќе нема поента понатаму да се работи на ова прашање.

Но, Нимиц инсистира дека спорот ќе се реши кога ќе дојде време за тоа. Тој посочува на Северна Ирска или на обединувањето на Германија. Работите може да се сменат поради настани кои ќе доведат до тоа луѓето да погледнат на спорот од поинакво светло, или со доаѓањето на нови водачи кои ќе имаат политички авторитет да донесат тешки одлуки. Можно е граѓаните едноставно да се исцрпат од бесконечната дебата.

Нимиц е оптимист дека наскоро може да дојде време а решавање на спорот. Ова е делумно поради новото раководство во Македонија – социјал-демократот Зоран Заев стана премиер годинава по долгата политичка криза. Но, делумно оптимизмот е затоа што Македонија мора да најде решение на спорот за да се приближи до остварување на своите цели за влез во НАТО и во Европската Унија.

– Ова би и донело сигурност, легитимитет и нови економски можности како и чувство на постојаност, вели Нимиц, додавајќи дека со ваков чекор би се намалиле и тензиите меѓу етничките Македонци и Албанците, кои сочинуваат четвртина од населението. Во 2001 година, овие тензии ја доведоа земјата на раб на граѓанска војна.

Но, Нимиц признава дека ќе биде тешко да се убедат гласачите во двете држави. Македонските лидери ветија дека било каков договор ќе биде ставен на референдум. Според Нимиц, дел од решението на проблемот е да се охрабрат граѓаните да не гледаат на него како на прашање на национален идентитет.

– Еден обичен граѓанин во Скопје еднаш ми кажа дека кога ќе стане наутро и ќе почне да се бричи во огледалото си вели дека е Македонец. Утре, кога ќе се бричам, очекуваш да кажам дека сум Нов Македонец или Горен Македонец?. Му одговорив дека неговата загриженост е разбирлива, но дека е погрешно да се гледа на таков начин на прашањето. Ние само зборуваме за формулирање на име за државата кое ќе се користи во дипломатски цели. Тоа нема да влијае на обичниот граѓанин. Не преговараме за идентитетот. Да стануваше збор за преговори за идентитетот, јас ќе ги напуштев, вели Нимиц.

Прашањето на идентитетот е важно, вели Нимиц, иако самиот е „голем поборник на глобализмот”.

– Сметам дека ние како вид имаме одреден племенски аспект и дека е тешко да се чувствуваш удобно во глобален свет, дури и за луѓе како мене”, додава посредникот.

Во сите овие години, се случил само еден момент кога Нимиц успеал да ги обедини двете страни. Тоа се случи кога Македонија постави броини статуи на Александар Македонски во своите градови и го именуваше својот главен аеродром според него, што предизвика гнев во Грција.

– Додека ова се случуваше, му реков на новинар од Скопје дека не го разбирам сето тоа, бидејќи Александар Македонски бил голем воен водач, но разурнал многу градови и убил многу луѓе. Ме растргнаа за таа изјава – од двете страни. Малку фалеше да поднесам оставка, вели Нимиц.

Тој штотуку ја заврши најновата рунда разговори по ова прашање, среќавајќи се со политичари во Скопје и со грчкиот Министер за Надворешни Работи. Нимиц инсистира деак е можѓно да се постигне решение, но во моментов е зафатен планирајќи го својот одмор, и тоа „во мала колипка над Арктичкиот круг, каде мигрираат карибу елените”. Го прашуваме дали тоа ќе биде добра можност да побегне од прашањата на националниот идентитет и самоопределувањето.

– Па не е баш, ако ги имаме предвид Првите Народи на Канада, одговара Нимиц, и почнува со ентузијазам да ја објаснува дебатата во Канада за самоуправувањето на нејзините домородни народи. Веднаш станува јасно дека љубовта кон ваквите прашања е тоа што му помогна 23 години да биде вклучен во спор околу еден збор.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР