Иванов со пораки од Унгарија – Да се одржи конститутивна и да се отфрли платформата

882
0
АКЦИЈА

По Азербејџан, претседателот на државата Ѓорге Иванов замина во еднодневна посета на Унгарија. По средбата со неговиот унгарски колега Јанош Адер, Иванов порача што поскоро да се одржи конститутивна седница на која ќе се избере  претседател на Собранието. Тој повторно и порача на СДСМ да ја отфрли Тиранската платформа.

„Ургентно потребно е конститутивната седница на Собранието на Република Македонија да биде завршена, да се избере претседател и да можат активностите кои ги имаме како држава нормално да ги спроведуваме. И мнозинството да откаже од тиранската платформа за да може да го добие мандатот за да се формира влада која ќе почне да се справува со сите овие предизвици. Јас тоа јавно го кажав, има правни пречки и тие би се совладале доколку заврши конститутивната седница и политичка пречка да се отфрли и осуди платформата од Тирана“, изјави Ѓорѓе Иванов.

Состојбите во Македонија ги коментираше и претседателот на Унгарија Јанош Адер. Според него НАТО и ЕУ веќе 10 години даваат лажни ветувања на нашата држава.

„Намерите на Република Македонија се јасни од почетокот, долгорочно тие би сакале да се приклучат кон НАТО и ЕУ. Во поглед на интеграцијата кон НАТО речиси 10 години, им нудиме позитивни, но лажни забелешки и ветувања на нашите македонски пријатели во поглед на интеграцијата на Европската унија“, изјави Јанош Адер.

Инаку за време на посетата на Унгарија, Иванов даде интервју за весникот „Маџар Хилап“ каде зборуваше и за улогата на Македонија во справување со мигрантската криза. Меѓу другото тој му се заблагодарил и на унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, кој меѓу првите покрена иницијатива со барање до Советот на ЕУ да ја отфрли Платформата од Тирана и да се осуди мешањето на странски премиер во внатрешните работи на Македонија.

 

Александра Смилевска

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР