Опаѓа поддршката за членство во ЕУ  – Македонците ја поддржуваат Русија, Албанците ЕУ и САД

773
0
АКЦИЈА

Дури 77 проценти од граѓаните на Македонија сакаат државата да влезе во Европската унија, покажува анализата на Социетас Цивилис. Сепак, она што може да се забележи во оваа анализа направена во период од 2014 до 2016 година, поддршката има тренд на опаѓање. Според последната анкета направена во ноември месец минатата година, воочлив е раст на незадоволството од  напредокот на Македонија во пристапниот процес. Според професорот Иван Дамјановски, кој ја подготви анализата, главна причина за падот на поддршката е спорот со името со Грција.

„Токму блокадата која произлегува од спорот со името, која што воедно е и блокада на целокупниот пристапен процес е главна причина за падот. Затоа велам има многу јасна кореалација помеѓу кредибилитетот на пристапниот процес на Македонија и поддршката за членство“, изјави Иван Дамјановски.

На прашањето за тоа кој би бил најдобриот партнер на Македонија, резултатите се различни во зависност од етничката припадност. Па така, 32,2 проценти од Албанците сметаат дека ЕУ е најдобар партнер, додека од истата етничка заедница 28,3 проценти сметаат дека тоа е САД. Од друга страна, 29,9 проценти Македонци сметаат дека Русија би била најдобриот партнер на нашата држава. Сепак, заедничко за двете најголеми етнички групи во Македонија е високата поддршка за членство во ЕУ.

„Околу 26% граѓани сметат дека Европската Унија би била најдобар сојузник на Република Македонија, но интересно е што на второ место се наоѓа Русија со 25 %, додека  17,5 од испитаниците сметат дека тоа е САД“, изјави Зоран Нечев.

Инаку, ова е анкетно истражување, спроведено на репрезентативен примерок од 1100 испитаници во ноември 2016 година. Трендовите на падот на поддршката кои се коментираат во анализата се поврзани со други истражувања направени во 2014 година.

Сабина Љазумова

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР