Љутфи Аме – бербер повеќе од половина век

790
0
АКЦИЈА

Љутфи Аме веројатно е најстариот бербер во Скопје. Со потстрижување и бричење почнал да се занимава пред цели шест децении.

Во неговата мала берберница која не е многу изменета низ годините, ни раскажа дека како бербер почнал да работи кога се вратил од војска. Првата  берберница ја отворил во старата скопска Чаршија, апотоа се преселил во Чаир.

„Кога се вратив од војска, пет години по ред работев во стара скопска Чаршија. Потоа се преселив тука и во овој објект сум 55 години.  Прво имав само со двајца чираци, така продолживме со работа“, вели Љутфи.

Тој сè уште ги користи старите алатки за работа. Неговите ножици му се партнер, верувале или не, веќе половина век.

„Овие ножици се 50 години стари, а овие другите се понови и служат за стрижење на оштетена коса. Овие што се стари 50 години сè уште се употребливи. Машинката функционира вака со прсти. Јас со машинкава знам да работам, но младите не знаат“, вели берберот.

Иако е еден од најстарите во оваа професија, Аме признава дека порано имал повеќе работа. Отворањето на нови и модерни берберници, го намалило бројот на клиентите. Но кај, него сè уште доаѓаат неговите стари и верни муштерии.

„Порано имаше повеќе работа. Бербери немаше толку многу, помалку беа, а сега има многу млади бербери кои отвораат берберници без разлика дали го знаат ззанаетот или не“, изјави Љутфи.

Стариот мајстор би сакал својот занает да им го остави на внуците, но вели дека тие не се многу заинтересирани. Затоа, ќе продолжи да работи, како што ни рече, се додека го држат нозете.

Арди Жута

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР