СО ИЗБОРНИТЕ ЛИСТИ СЕ ИЗБЕГНУВА ДУЕЛ ЗАЕВ-ГРУЕВСКИ

767
0
АКЦИЈА

Ако ВМРО-ДПМНЕ не ја промени одлуката, тогаш поранешниот премиер и актуелен лидер на партијата Никола Груевски ќе биде носител во изборната единица еден каде што ќе треба да ги вкрсти копјата со поранешниот претседателски кандидат Стево Пендаровски од СДСМ. Според листите кои ВМРО-ДПМНЕ ги достави во мај годинава носител во четворката на оваа партија ќе биде министерот за здравство Никола Тодоров.

„Во првата изборна единица во која што не го очекувам Груевски затоа што ќе треба да побегне некаде, таа коалиција на режимот ќе биде катастрофално поразена.“, изјави Стево Пендаровски.

Од досега објавените кандидатски листи на партиите, битката за гласови покрај Пендаровски и Груевски ќе бие и Идриз Орана од ДПА, советник во град Скопје од редовите на оваа партија. Партијата за демократски просперитет на синоќешното Централно собрание одлучи да настапи самостојно. Абдулади Вејсели, претседател на ПДП, ќе биде носител на листа во Изборната единица шест, традиционалната политичка арена на партиите на Албанците. Со сигурност се знае дека таму на дуел ќе го чека лидерот на ДПА Мендух Тачи а сè поизвесно е дека во ловот на гласови на Албанците ќе им се придружи и струшкиот градоначалник Зијадин Села како и првиот човек на ДУИ Али Ахмети. Тој не се откажува ниту од гласовите на православните Албанци. Така, се очекува Бранко Манојловски, иселеник од САД со потекло од Горна Река да биде носител на изборната листа во изборната единица пет.

„Кандидатите од листите на ДУИ, се очекува да станат пратеници, затоа многу сме внимателни кого ќе избереме. Имаме уште две недели време и затоа се консултираме со  лица од различни профили, кои достојно ќе ги претставуваат Албанците во Собранието.“, изјави Бујар Османи.

Во петката на дуел со Манојловски ќе излезе довчерашниот сопартиец на Ахмети, поранешниот пратеник и заменик-министер за одбрана Арбен Лабеништа како адут на Беса, како и Радмила Шеќеринска од СДСМ и Адриан Усеини од ДПА. Ако остане по старата распределба на ДПМНЕ тогаш на овие четворица ќе им се придружи и Антонио Милошоски. Од ДУИ сè уште размислуваат дали Рамиз Мерко актуелен пратеник и поранешен градоначалник на Струга ќе биде нивната ударна тупаница.

Во втората скопско-кумановска изборна единица за сега се сигурни министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски од СДСМ и Орхан Ибрахими од ДПА. Во ДУИ размислуваат дали во оваа изборна единица носител на листа да биде Мирван Џемаили или Реџеп Исмаили, и двајцата пратеници од оваа партија. Ако изборите се одржеа на 5 јуни тогаш носител на листата во оваа изборна единица од ВМРО-ДПМНЕ ќе беше министерот за надворешни работи Никола Поповски кој  се уште е најсериозниот кандидат за трка по гласовите на граѓаните.

Најлесно му е на актуелниот дополнителен заменик-министер за земјоделство Љупчо Николовски од СДСМ. За сега тој е сам и единствен сигурен тркач како носител на листа во третата изборна единица. Другите македонски партии уште не ги откриле своите адути, а партиите на Албанците традиционално не се премногу заинтересирани за оваа изборна единица. На претходните парламентарни избори носител на листа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ беше координаторот на пратеничката група на партијата Илија Димовски.

Рокот за поднесување на листи со кандидати за пратеници истекува на 11 ноември на полноќ.

Искра Опетческа

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР