УНИЈАТА НЕ Е КОМПЛЕТНА БЕЗ ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА – ПОЛИТИЧКАТА КРИЗА ЈА ЗАГРОЗУВА ПРЕПОРАКАТА?!

439
0
АКЦИЈА

Евентуалното пролонгирање на изборите и нераспуштањето на Собранието ќе значи дека Македонија е пред нова криза, велат познавачите на политичките состојби. Според нив, време е да се стави крај на двегодишната политичка криза. Некогашниот амбасадор Никола Димитров вели дека изборите се еден од начините за решавање на кризата, но само со промена на власта.
„Нашата криза на одговорност нема да се реши, додека не се смени власта во Република Македонија. Се друго се финеси, детали и мали битки. Ама големото прашање е: може ли Македонија да се исправи на нозе,  да има добри избори и да има одговорност за обвиненијата што ги покрена СЈО, за работите кои што сите ги слушнавме, за работите што светот ги слушна. Тоа е проблемот.“, изјави Никола Димитров поранешен амбасадор.

Финалето на политичката состојба во Македонија ќе биде пред крајот на годината, вели Бојан Маричиќ од Македонскиот Центар за Европско образование.
„По двете одложувања што ги имавме во април и во јуни, мислам дека се очекува до крајот на оваа година да имаме разрешница на политичката криза или барем почеток на таа разрешница, за да не ја изгубиме и наредната година“, изјави Бојан Маричиќ –  МЦЕО

Заменик-претседателот на Европската Инцијатива за Стабилизација, Кристоф Бендер изјави дека ја разбира фрустрацијата на граѓаните. Според него, Македонија седум години добива препораки, но никако да ги започне преговорите за членство во ЕУ.

„Веќе 7 години Македонија треба да ги започне преговорите за влез во ЕУ, но од политички причини и блокадата од вашиот јужен сосед Грција,  тоа не е возможно. Ова е многу фрустрирачко и нема објаснување за тоа“, изјави Кристоф Бендер .

Според амбасадорката на Германија во Македонија, Кристине Алтхаузер, Европската унија не е комплетна без земјите од Југоисточна Европа.
„Без југоисточна Европа, Унијата не е комплетна. На овој регион му се потребни значајни реформи“, изјави Кристине Алтхаузер.

На конференцијата насловена „Како европските политички случувања, влијаат врз земјите од Југоисточна Европа“, која се одржа во Скопје, беше посочено дека проширувањето на ЕУ ќе биде потешко од било кога поради „Брегзит“. Според учесниците, во моментов има силна Западна и аристократска Југоисточна Европа.

Блерим Исмаили

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР