ЗА ПОГОЛЕМА ДОВЕРБА ОД ГРАЃАНИТЕ – СЈО МОРА ДА БИДЕ ПОЕФИКАСНО

734
0
АКЦИЈА

 

Специјалното јавно обвинителство треба да излезе и да и’ каже на јавноста за тоа кој прислушувал во Македонија, смета адвокатот Александар Наков. Според него, тоа е првата и најважна работа што треба да ја сторат специјалните обвинители за да ја вратат довербата и да ги уверат луѓето дека правдата е навистина достижна.

„Работите веќе се наѕираат. Има две вештачења, германското и она на ФБИ. Тоа значи дека специјалното обвинителство веќе нема само индиции туку има конкретни докази за тоа кој наредил и кој со години прислушувал илјадници граѓани во Македонија“, изјави Александар Наков.

И поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски смета дека граѓаните со право очекуваат поефикасно специјално обвинителство. Ако СЈО е ефикасно тогаш тоа ќе ја размрда и работата во судовите, вели Ивановски.

„Во Уставот пишува дека се забранува формирање на вондредни, преки судови. Но овде не станува збор за никакви преки или вондредни судови. Тука станува збор во рамките на уставните можности а согласно законот за судовите да се формираат специјални одделенија или совети како што ги има и сега“, изјави Трендафил Ивановски

Ивановски е убеден дека Уставниот суд му прави опструкции на СЈО затоа што, како што вели тој, иницијативата за преиспитување на уставноста на специјалното обвинителство ја чува како кукавичко јајце.

Искра Опетческа

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР