НЕ ПОМИНАА ЗАКОНИТЕ ЗА СЈО – ПРАТЕНИЦИТЕ НА ДУИ ПОДЕЛЕНИ ВО ГЛАСАЊЕТО

1374
0
АКЦИЈА

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ едногласно кажаа „НЕ“ за продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство за продолжување на рокот за поднесување на обвиненија. Не поминаа ниту измените на Законот за заштитени сведоци, кои обвинителката Јанева ги побара уште во април, а ги иницираше група пратеници од опозицијата. Кооридинаторот на владејачката партија рече дека не прифаќаат никакви нови договарања и проширување на опфат и рокови надвор од договореното во Пржино.

„Тоа е исто и нема разлика помеѓу СДСМ и СЈО. Тоа што СЈО го работи е кампања на СДСМ и тоа што СДСМ го работи и помага на СЈО да ја тера кампањата на СДСМ во овој предизборен период. Затоа, со чиста совест, одговорно, спротивно на желбата да се продлабочува политичката криза ,која што очигледно одредени партии ја имаат.Гласавме против овие барања и ќе гласаме во иднина против вакви барања.“, изјави Илија Димовски.

Власта не сака одврзани раце за СЈО, изјави Петре Шилегов од прес-центарот на Собранието. Тој рече дека не може СДСМ како партија да се поистоветува со СЈО кое е државен орган избран од четирите политички партии.

„Противењето на овие измени и неодамнешниот однос на ВМРО-ДПМНЕ кон специјалната обвинителка Јанева покажува дека ВМРО-ДПМНЕ не сака силно обвинителство кое докрај ќе ги расчисти истрагите кои ги започна. Со денешното гласање пратениците од ВМРО-ДПМНЕ станаа покривачи на криминалот што го гони СЈО.“, изјави Петре Шилегов.

Иако од ДУИ најавија дека ќе ги поддржат измените на Законот за СЈО, повеќето од пратениците не беа присутни на седницата. Оние кои присуствуваа, дел го одржаа зборот и гласаа за измените на Законот, но некои од нив не гласаа.

„Јас лично гласав за двете предложени иницијативи за СЈО, иако беа предложени од опозицијата. Но,ние како парламентарна група остануваме на она што го кажавме на седниците на комисиите на политички систем.СЈО треба да предложи иницијативи кои потоа ,ние треба да ги гласаме.Таа иницијатива треба да дојде од СЈО, не од партиите.“, изјави Рафис Алити.

Независните пратенички Роза Каревска-Топузова и Солза Грчева беа на седницата не гласаа, а пратениците ДПА не беа присутни на седницата. Иницијативата на Јанева до пратениците произлегува од барањето на СЈО да може да навлезе во суштината на предметите „Нешковски“, „Монструм“ и „Сопот“. Со измените на Законот за СЈО пак требаше да се продолжи рокот од 18 месеци за покренување обвинение.

Габриела Д. Мишевска

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР