0

Жан Клод Јункер во недела ќе допатува во Скопје. Првиот човек на Европската комисија во Македонија ќе се задржи само неколку часови, брифираат дипломатски извори за ТВ21. Сигурна е средбата со премиерот Зоран Заев, но не е потврдено дали Јункер ќе се сретне и со другите политички фактори во земјата.

Заев и Јункер ќе оддржат заедничка прес конференција на која ќе ги презентираат заклучоците од средбата а се очекува претседателот на Европскиот парламент да испрати охрабрувачки тонови за напредокот на земјата кон евроинтегративниот пат.

Неколку денови по Јункер, во Скопје според најавите ќе допатува шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас. Со себе според очекувањата тој ќе го донесе и нацрт документот кој подолг период најавува дека ќе го достави до Заев и Димитров.

Пред неколку денови Коѕијас во интервју за грчката телевизија Алфа, изјави дека документот содржи дваесетина страници а се однесува на името, опсегот на употребата, идентитетот, националноста и јазикот. Ставот на Атина според него  е име напишано на словенски и без превод, но Заев сака да биде на латиница и да се преведува на сите јазици.

„Таков пример се Нова Македонија, Горна Македонија или Вардарска Македонија. Имаме дискусија. Она што мислам дека го сакаат Скопјаните е името да биде на латиница, да биде на англиски јазик, од кој ќе се преведува на сите јазици. Мојата желба е малку покомплексна. Би сакал име, кое јасно ќе укажува дека тоа е една друга Македонија, географски ентитет, а не историско наследство на грчка Македонија“, рече Коѕијас.

Премиерот Заев пак во интервју за австриското државно радио ОРФ, вели дека е умерен оптимист дека ќе се најде решение за името, а од друга страна е дециден дека за идентитетот воопшто не се преговара.

„Мене ми е драго што во седумте точки нема тема идентитет. Тоа е добро затоа што идентитетот е лично чувство. Тоа прашање не може да се смени ни со гласање во Парламентот, ниту на референдум“, рече Заев.

Во интервјуто меѓу другото Заев вели дека можно е да се дојде до решение на спорот пред самитот на НАТО во јули а доколку тоа се случи, државата ќе добие автоматска покана од Алијансата која е актуелна уште од 2008-та година.

Антонио Крстевски

0

По низата обвинувања од страна на опозицијата за предлог текстот за планот за економски раст на Владата, денеска свој став даде и вицепремиерот Кочо Анѓушев. Тој не се сложува со ексзаменик министерот за економија Христијан Делев кој во дебатната емисија Клик Плус на ТВ21 обвини дека идниот закон од областа на економијата се коси со дури 5 други постоечки  закони. Анѓушев денеска категоричен – законот кој треба да ја придвижи економијата е подобро решение од она кое го применуваше минатата власт.

Ставот на опозицијата е дека мерките во владиниот план ќе направат катастрофални последици на македонската економија. Делев тврди законот е во колизија со Законот за ТИРЗ, Законот за вработување, Законот за државна помош.

Едно од посериозните обвинувања за предлог планот за раст на економијата доаѓа од бизнисменот  Горан Рафајловски . Според него  мерките претежно се наменети за големите играчи. Рафајловски смета дека иземени се малите и стерни фирми кои се дури 90% од македонското стопанство.

Анѓушев останува на ставот дека соодветна државна помош ќе добијат и малите и средни компании. Условите за финасиски поволности се газдите  да не го намалат бројот на вработени на годишно ниво и да не бидат во минус  резултатите на фирмите. Инаку планот за економскираст кој треба да биде законско решение според планот пратениците треба да го усвојат најдоцна до крајот на месецов, што значи се уште има време за негова доработка. Мерките кои ги содржи овој план според власта ќе ја придвижи економијата а со тоа се предвидува раст на БДП од 3,2%  на крајот на оваа година. Со мерките од планот е предвидено да се потрошат 50 милиони народни пари.

Иле Петревски

0

Условна казна од две години затвор ако во наредните четири години не стори кривично дело доби новинарката Ивона Талевска за даночно затајување. Судењето за овој случај на Специјалното обвинителство се одржа во еден ден со оглед на тоа што Талевска призна вина а судијката Софија Лаличиќ еден час подоцна и ја изрече пресудата и ја задолжи во рок од една година да го врати данокот во износ од над два милиони денари.

„Обвинетата Ивона Талевска врз основа на признание на вина се огласува за виновна,  и се определува алтернативна мерка – Условна осуда во траење од 2 години затвор која казна нема да се реализира доколку во следните 4 години не стори ново кривично дело. Воедно се задолжува да ја надомести штетата од 1.671.611 денари за затаениот персонален данок како и 1.145.979 денари за правното лице Смарт “, рече судијката Софија Лаличиќ.

За Специјалното обвинителство признанието на вина е потврда за поднесеното обвинение. Откако на писмено ќе ја добијат пресудата ќе одлучат дали ќе ја обжалат изречената санкција.

„Значи ние сме задоволни од признанието на обвинетата Ивона Талевска и претставникот на обвинетото правно лице како и пресудата со која судот ги огласи за виновни бидејќи со тоа се покажа дека поднесеното обвинение е оправдано и основано. Во однос на кривичната санкција за  која сега ја слушнавме судската пресуда, ќе ја почекаме писмено изработената судска пресуда и ќе се произнесеме дополнително“, рече  Елизабета Јосифовска – Обвинителка во СЈО.

Талевска не даде изјава за медиумите, ниту нејзините адвокати. Претходно во судница во својот завршен збор наведоа дека вината ја признала со цел да заврши медиумскиот линч кој година време го трпела Талевска по истрага на СЈО која била помпезно најавена.

Ова е четврта пресуда за Специјалното обвинителство по двете во случајот Насилство во Општина Центар и една за Тврдина – Таргет. Во обвинението за случајот Тифани е наведено дека Талевска за наводни потреби на фирмите купувала мебел, велосипеди, врати, теписи, шминка и облека со цел да одбегне значителни даночни обврски.

Михајло Видимлиски

0

Веќе 5 недели трае бојкотот на учениците на Основното училиште „Мустафа Ќемал Ататурк“, во село Вртекица – општина Студеничани.

Родителите одбиваат да ги испратат нивните деца во училиште поради тоа што бил отпуштен наставник од работа и поради тоа што децата во една паралелка учат заедно со учениците од прво и второ одделение, а во друга паралелка учат учениците од четврто и петто одделение. Училница за трето одделение воопшто нема.

„Немаме образложение од овие три институции за решавање на проблемот. Ние сме одлучни и бојкотот ќе продолжи се додека овој проблем не се реши. Испративме барање паралелките да не се менуваат туку да продолжи како што беше на почеток“, вели Абдурахман Адеми од Советот на родители.

Министерката за образование и наука, Рената Дескоска вели дека се информирани за проблемот и дека за таа цел испратиле инспектори на терен за анализа на настанатата ситуација и да се донесе адекватна одлука.

Од општина Студеничани велат дека таквата одлука е донесена како резултат на малиот број на учениците кои следат настава во ова училиште. Според родителите ваквиот систем на паралелки влијае врз квалитетот на наставата на нивните деца.

Зимер Јашари

0

Обвинувањата за тоа кој е легитимен, а кој нелегитимен претседател на  Движењето Беса, не запираат. Крилото на Биљал Касами, вели дека по Конгресот, ќе покренат тужба против Движењето Беса, чиј лидер сега е Африм Гаши. Од партијата велат дека нема два, туку еден Конгрес и дека не го признаваат изборот на Гаши.

Пред еден ден, Движењето Беса, во Тетово, за лидер на партијата го избра Африм Гаши. Според него, неговиот избор бил легитимен и вели дека не го засега како ќе заврши правната битка со другата група, за која тврди дека е легитимна и легална.

Периодот низ кој во моментот поминува Движењето Беса, Гаши го оцени како сезонски грип, кој организацијата го надминува и така го зајакнува својот политички имунитет. Освен изборот на лидер, партијата вчера го усвои и новиот статус на партијата, политичката програма и ги изгласа членовите на Централното собрание, органи кои се целосно неприфатливи за крилото на Касами.

Зимер Јашари

0

Првите функционери на ДУИ, обвинети во случајот „Титаник 3“ на специјалното јавно обвинителство – Ејуп Алими и Исмет Гури на 16 март седнуваат на обвинителна клупа, пренесе Макфакс.

Тие се обвинети дека уништувале изборен материјал. Предметот ќе го суди судијката од Одделот за кривично полнолетни, Оља Ристова.

Ова е прв предмет на тимот на Јанева во кој им се суди на функционери од ДУИ. Претходно Судот им ги одзеде пасошите, па тие се жалеа до Апелациониот суд.

0

Во воздушните и артилериски напади на сириската војска врз енклавата Источна Гута, во близина на Дамаск, во последните 24 часа убиени се 71 лица, а повредени се 325, соопшти Сирискиот центар за мониторинг на човековите права со седиште во Лондон.

Центарот наведува дека од неделата се зајакнати нападите на енклавата Гута, кој во моментов е под контрола на бунтовниците.

0

Германската компанија ВИК  реши да инвестира во Македонија 6 милиони евра а со тоа да вработи 60 лица. Сепак има  оптимистички најави од инвеститорот , кој денеска соопшти дека планот е инвестицијата да се зголеми на 12 милиони евра и да има 1.000 нови вработувања.

 „ВИК“ ќе почне со прозводство на кафемати за светски познати брендови во индустриската зона во Прилеп. По Кина и Индонезија, Македонија е третата дестинација во која „ВИК“ отвора производствен погон. Освен што ќе произведуваат и ќе користат локални производи и работна сила, тие ќе се грижат и за животната средина и струја за производство ќе користат преку фотоволтаици.

0

Во скопскиот кривичен суд започна и судењето за предметот Триста во кој обвинет е поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски. Специјалното обвинителство ги даде воведните зборови.

 Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека една од најважните задачи на МВР е да спречува криминал и да открива сторители на кривични дела, а во овој предмет лице вработено во МВР не постапувало согласно законите. Поповски одрече вина. Рече и дека не го разбрал во целост обвинението. На следното рочиште закажано за 20 март тој и неговата одбрана ќе дадат воведни зборови, а ќе бидат повикани и четворица сведоци на СЈО.

според обвинението штетата која Поповски му ја нанел на МВР со изборот на фирми кои не понудиле најниска понуда за набавката на триста возила за полицијата изнесува 450 илјади евра.

0

Отворено писмо до г. Зоран Заев,

Здраво Зоранe, посакувам моето писмо да те најде добро! Постојат две работи што сакам да ги нагласам уште на почетокот на моето писмо:

Како прво, писмото е отворено бидејќи можеби нејзините редови ќе ги разбере целиот владин “блок” што е битно да разбере и, како второ, писмото ти се упатува во лично име, вон функцијата која ја вршиш, затоа што мислам дека има потреба да се вратиш кај Зоран. Само еден совесен Зоран може да го спречи распаѓањето на премиерот, функција која ти ја довери народот.

Сега, со право ќе речеш – какво е ова писмо од Арбен?! Ми напишал можеби некоја поплака … нека се занимава со ДУИ! Што има со мене? Јас правам политика … Што да му правам на Невзат?! Тој се однесува како дете! Тера инает со градот што не го избра и сега им прави лошо на граѓаните!

Зоране, како прво, до 27 април 2017-та се боревме против истите идеолошки непријатели, тие беа Груевски-Ахмети. Според твоите храбри пријави, до некаде сфативме дека биномот Ахмети-Груевски (не сакам да кажам ДУИ и ВМРО, бидејќи има невини луѓе на двете страни), значи сфативме дека овој бином не беше само идеолошки против нас, туку од “бомбите” што ги објави, сфтаивме дека тие се вмешани и во тешки злосторства против човештвото, инскенирајќи лажни судења, правејќи економски масакр!

Така да, во страшната ноќ од 27 април, каде што претседателот на мојата партија Зијадин Села го ризикуваше животот покрај тебе, јас и илјадници Албанци бевме подготвени да ти излеземе во пресрет и тебе кој што беше исто така под закана!

Значи, ти беше човек кој, без разлика на етничката припадност, Албанците се наредија на страната на добрите!

Но, ти имаше ужасен услов да ја преземеш власта, требаше да соработуваш со еден од виновниците кои сам ги пријавуваше, со Ахмети! Ахмети и ДУИ кои што везден ги нарекуваше Виновници, за кои што велеше дека има прислушкувани разговори кои лошо ги обвинуваат, токму нив!

Тука, според тебе, започна Политиката, а според мене, тука започна Лицемерието!

Ти ја делиш власта со оние кои учествуваа на политичкиот погреб на нивниот партнер, а сега почнуваат да го подготвуваат, според мене, твојот! Заев, Албанците не те сакаат! Ниту Македонците! Ниту Турците!

Ова е тешка изјава и жалам за ова, но зборувам барем за 100 илјади луѓе од Гостивар!

Според условите на маса, ДУИ бараше Бејта да победи во Гостивар. Но, народот не се согласи со ова барање на ДУИ, Бејта изгуби!

Сега, почитуван Зоране, кажи ми:

Се остава ли град со 100 илјади жители без буџет за атер на ДУИ ?!

Му се доделуваат ли на еден град вкупно 1000 евра за цела година за култура?! Дури и во Африка да се наоѓавме, ќе направеше нешто УНЕСКО и ќе бевме заштитени!

Се давиш во диктаторски скандали, бе Заев! Едно време мислев дека си фер! Вака како ја тераш, создаваш 100 илјади непријатели?!

Деновиве очекувам сите надлежности од областа на образованието, од Општина Гостивар да ги пренесеш на централната власт! Срам и брука! Што ќе им кажеш на Европа и Америка, што одиш против нивните стратегии?!

Те зема на шија ДУИ!

Знаеш што вели народот за тебе?!

Вели дека си на добар пат да станеш нов Груевски! Но не си. Јас сум невролог и многу сум ја проучувал човечката личност и ти не си како Груевски, но опкружен си со погрешни луѓе и ризикуваш да станеш! Во моментов одиш само надолу и надолу!

Зоране, те потсетувам дека работиш како премиер на државава, затоа стави прст на глава и немој да бидеш како Груевски! Што правиш вака? Ти како да играш оксан, а плочки се жителите на Гостивар! A воедно се земаш себеси на шија!

И на крајот, почитуван Зоран:

Функцијата премиер ти ја довери народот, не се поигрувај со неа! Особено сега е многу опасно за судбината на државата да се поигруваш со народот!

Поздрав од Гостивар!

Арбен Таравари
Градоначалник на општина Гостивар

Facebook Auto Publish Powered By : XYZScripts.com