Колкава е групата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ?

1469
0
АКЦИЈА

Документот на Иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, доставен до партискиот врв, содржи предлози за демократизација и модернизација на партијата. Четворицата партиски членови кои отворено се залагаат за промени во партијата, Александар Михајловски, Илија Илијоски, Петар Богоевски и Александар Цезар Коневски велат дека чекале ова да го покренат по изборите, за да не и наштетат на партијата во трката за пратеници на 11 декември.

„Во такви услови ако излезевме со барање како што денес излегуваме, ќе ја ослабевме позицијата на ВМРО во изборниот процес“, истакна Илијоски.

На прашањето дали имаат поддршка од избраните пратеници на ВМРО-ДМПНЕ, новинарите денеска не добија детален одговор, имиња на пратеници, но членовите од засега малата фракција тврдат дека имаат голема поддршка од пратеничката група, дури и од членови и тела на партијата. Александар Михајловски истакна дека декларацијата ја имаат доставено до Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ на 29 јуни, но досега не се поканети за разговор.

„Според документацијата која што ја имаме, истата е на 29 јуни е примена во партијата. Инаку е адресирана до највисокиот орган на партијата, Централниот Комитет. Во таа декларација образложени се заложбите и принципите, и се надеваме во скоро време ќе бидеме повикани од највисокиот орган на партијата“, истакна Михајловски.

Четворицата членови на најголемата опозициска партија во земјава, велат дека имаат план и во случај да не дојде до средба меѓу нив и претставници на партискиот врв, и покрај тоа што лидерот Никола Груевски во повеќе наврати и самиот најави реформи во партијата и кадровско освежување. Документот за реформи и  демократизација на ВМРО-ДПМНЕ го имаат доставено и до невладината организација Цивил, за што денеска се одржа и јавна трибина.

Мирадие Хасани

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР